НУ Завод и Музеј Битола
Галерија Магаза
Како камена тврдина стои во центарот на градот чувајќи ги љубоморно сите убавини и богатства кои ги внела во себе. Пркоси на времињата кои поминале пред нејзините очи и ги исчекува оние кои доаѓаат.
| Цел екран |
Минувајќи низ оваа малечка метална врата зачекоруваш по којзнае кој пат повторно во минатото. Со своите масивни ѕидови, малечката влезна врата и малечките со метални решетки заштитени прозорци, со покрив прекриен со камени плочи, наликува на мала но сигурна тврдина. Оваа магаза претставувала вистинско уточиште за секој трговец кој ја донел својата стока во овој град. Низ овие порти поминувале и се растоварале, изложувале и продавале, најразлични стоки наменети не само за локалните пазари туку и са поголемите европски пазари. Оваа е една од бројните магази кои постоеле во Битола од средината на XIX век. Тука се преговарала и договарала цената на производите, се надвикувало и доверливо се шепотело. Секој поединечен звук на дневниот жагор се врежал во овој споменик. Убавината и мирисите на разновидните стоки кои ја исполнувале нејзината внатрешност како да наоѓа своевиден одраз и во нејзината денешна намена. Овој објект кој денес е претворен во уметничка галерија во која се поставуваат бројни изложби од најразличен вид и карактер, каде се одржуваат литературни читања, камерни концерти и други културни манифестации се моменти кога Магазата живее со оној свој некогашен живот. Жагорот на луѓето повторно одзвонува од ѕидовите на Магазата, а луѓето повторно се тука со слична цел да донесат нешто од Себе но и да понесат дел од оваа убавина за Себе.










