Content on this page requires a newer version of Adobe Flash Player.

Get Adobe Flash player


Галерија Магазa (изложби)

Симболите на копаничарството

Автори: Злате и Јане Крстески

 

Симболите во македонското копаничарство ја содржат најголемата магија на креативниот чин кај резбарите кои на дрвото му ја враќаат душата, ја обликуваат духовноста во најразлична форма, преточувајќи ја во визуелно - препознатлива уметничка порака.

Изложбата на Злате и Јане Крстески ни презентира еден дел од копаничарскиот правописен речник со цел да не воведат во синтезата на уметничкиот занает во кој е преточен таинствениот јазик на религиозната мисла.

Презентираните постери откриваат постоечки дела изработени од постари резбарски мајстори, како и нови дела од Крстески инспирирани од симболичните знаци кои сокриваат во себе значајни вредности за една висока културна цивилизација и ги носат основните обележја на етничкиот идентитет на македонскиот народ.

Изложбата претставува вовед во едно студиозно проучување на примената на симболите во македонскиот културен простор во кој се втиснати народните обичаи, обреди, традиции, проучување на дрворезбарството во кое се прикажува минатото, обичаите од секојдневниот живот, верба во иднината, копнежот по националното фолклорно богатство...

Големиот број симболи се однесуваат на следните примери: Ангели , Апостоли, акантусови лисја, лоза, разни цветови, елени, фантастични животни како грифон, еднорог, кентаур, јарец, ламја, лав, орел, птица, змија, разни плодови како: афион, здравец, калинка, кукурек, желади, гроздови, а секако најприсутни се формите на крстот и сонцето.

Независно дали се работени во плитка или длабока резба или кој автор и кога ги работел, изложените дела имаат за цел да не доближат до извонредна вештина на обликување на дрвото во кое се раѓа, расте, живее и останува за навек копаничарскиот краснопис на авторите. Тие заслужуваат посебно внимание затоа што го потврдуваат фактот дека копаничарството претставува движење на елементи, разиграни фигури и композиции, поврзани во случки на одреден простор, во одредено време, но сепак со универзални вредности за многу други простори и времиња.

Љиљана Христова