ОВАДИЈА ЕСТРЕЈА - МАРА
( народен херој )
Овадија, Естреја - Мара (1922-1944), битолска Еврејка, работничка. Многу рано се вклучила кон напредното работничко движење. Веќе во 1938 г. била еден од најактивните членови во организациите на напредната младина во својот роден град, Битола. Особено била активна во еврејските напредни младински организации. Нејзината револуционерна активност се засилила за време на нејзиното тригодишно престојување во Белград, каде била на работа. За тоа време се запознала со повеќе напредни луѓе, станала член на СКОЈ и учествувала во Мартовските демонстрации. Особено била популарна меѓу еврејската младина. Во 1942 г. станала член на КПЈ. Во април 1943 г. во партизанскиот одред „Гоце Делчев", започнал партизанскиот живот на Естреја Овадија. Од одредот „Гоце Делчев" се префрлила во одредот „Даме Груев" кој водел тешки борби со италијанскиот окупатор во околината на Преспанското Езеро. Учествувала во многу напорниот Февруарски поход. По завршувањето на февруарските движења на единиците, била формирана Третата македонска ударна бригада, а Естреја Овадија била поставена за заменик политички комесар на чета. Co формирањето на Седмата македонска бригада била поставена за политички комесар на батаљон. Загинала во 1944 г. За народен херој е прогласена на 11 октомври 1953 година.
ЗНАЧАЈНИ ЛИЧНОСТИ ЗА БИТОЛА |
| горе |
Не пропуштајте !