Content on this page requires a newer version of Adobe Flash Player.

Get Adobe Flash player


МАНАКИ МИЛТОН

( снимател )

Manaki MiltonМанаки, Милтон (1882-1964), прв филмски снимател на Балканот, македонски фотограф и автор на документарни филмови. Пионер на снимателската дејност во Македонија. Основно училиште завршил во родното место, а потоа се запишал во први клас на Романската гимназија во Јанина, меѓутоа не се потрудил да ја заврши гимназијата и ја напуштил со незавршен втори клас. Потоа бил испратен во Гревена да учи занает, но Милтон не покажал никаков интерес кон некој занает. Во 1898 г. брат му Јанаки го повлекол во Јанина, во своето ателје, каде Милтон се зафатил со изучување на фотографската вештина и со неуморен труд, за неверојатно кратко време, станал мајстор. Веќе во 1905 г. ги снимил документарците кои влегуваат во историјата на филмот: „Предачки", и „Училишен час на отворено". Во првиот од нив е овековечена неговата 114-годишна баба Деспина, која, заедно со група предачки, снова основа за преѓа. Напоредно ја усовршувал уметноста на фотографијата, која му донела големи меѓународни признанија. Меѓу најзначајните од нив е учеството на Големата мегународна изложба во Букурешт во 1906 г., од каде што се вратил со Златен медал и со титулата Дворски фотограф на кралот на Романија Карол I. Тој снимил многу фотографии врзани за актуелни настани, историски личности, обичаи,со што неговата колекција има голема вредност и зазема своевидно место во балканската кинематографија и претставува скапоцен дел од светското филмско наследство. Историска важност имаат филмските записи направени во времето на Младотурската револуција. На овие драматични фрагменти се надоврзуваат и сликите на репресиите што отоманските власти ги вршеле врз македонското голорако население. Во филмовите: Решад V во Солун и во Битола (1911) и Александар Карагорѓевиќ во Битола (1913) се претставува како познавач на жанровата структура на репортажата, чии страници се важечки и за современиот документарен филм. Мошне атрактивни по својата содржина и иконографска вредност се сцените од монденските средби на дипломатскиот кор во Битола, но и глетките на погубувањето на македонските комити и патриоти. Други позначајни дела во неговиот опус, кој изнесува околу 1.500 м филмска лента, се бомбардирањето на Битола (1940), повлекувањето на окупаторските единици од Битола (1944), го регистрирал доаѓањето на претседателот на СФРЈ Јосип Броз Тито, при неговата прва посета на градот (1957) и др. Co неговото живеење во Битола се врзани голем број анегдоти, зошто тој бил многу весел, пријатен, речит, знаел многу убаво да раскажува анегдоти и слики од неговиот бурен живот и општо од Битола. Милтон Манаки умеел да гледа подалеку и да го чувствува историскиот миг и историската потреба да се сочуваат непроценливите документи за животот на нашиот град и на нашата земја во најсудбоносните денови од својата национална историја.

ЗНАЧАЈНИ ЛИЧНОСТИ ЗА БИТОЛА
составувачи: Ленче Андоновска, Науме Горгиевски, Благој Николов, Трајко Огненовски, Гордана Пешевска, Анета Стефановска, Светлана Талеска; превод на англиски Весна Милевска
Национална Установа Универзитетска Библиотека „Св. Климент Охридски“ – Битола

горе

Не пропуштајте !

Топ 10 Дестинации

Виртуелна прошетка

Фото галерија

Filmland

Content on this page requires a newer version of Adobe Flash Player.

Get Adobe Flash player