КАЛАУЗИ ЈОВАН
( лекар )
Калаузи, Јован (1919-1989), примариус, д-р специјалист, интернист кардиолог, еден од основоположниците на интензивна нега и терапија при кардијални кризи во Р. Македонија. Се одликувал со голема стручност и хуманост.
Роден 1919 г. во Битола, каде го завршил основното и средното образование. Во 1949 г. дипломирал на Медицинскиот факултет во Белград. Во 1950 г. во Битола ја започнал специјализацијата по интерна медицина, a ја завршил 1954 г. во Белград. За време на специјализацијата во Белград во исто време, т.е. во 1950 г. бил и на студиски престој во Институт за хематологија и трансфузиологија. Во тој период интензивно се бавел со клиничка хематологија, ја изучувал ревматичната треска и хроничниот ревматизам во Битола и Битолско. Во контекс на тие истражувања публикувал повеќе стручни трудови од тие области. Во 1951 г. во Битола ја формирал првата Станица за трансфузија на крв во внатрешноста на Македонија. Во 1959 г. специјализирал кардиологија во Париз. Неговите усовршувања во областа на електро и фонокардиографијата, како и во дијагностиката и терапијата на коронарната болест ги публикувал во повеќе негови трудови.
Од 1963 до 1978 г. ја обавувал функцијата началник на Интерното одделение и Службата за внатрешни заболувања.Д-р Калаузи бил голем ентузијаст и неговите пионерски зафати и интервенции дале видни резултати во намалувањето на процентот на смртноста при акутен инфаркт на миокардот АИМ. Од 1978 г. до неговото пензионирање во 1984 г. бил виш здравствен советник во Медицинскиот центар. Истовремено обавувал и бројни стручни и општествено-политички функции: два пати бил претседател на Лекарскиот актив во Битола, потпретседател на Интернистичката и Кардиолошката секција на МЛД - Скопје, претседател на Советот за народно здравје на Општина Битола, претседател на комисијата за трансфузија на крв при Околискиот одбор на Црвениот крст во Битола, член на Управниот одбор на ДНУ - Битола, главен и одговорен уредник на весникот на Медицинскиот центар „Трифун Пановски" - Битола, „Здравствена трибина" и др.
Бил редовен член на Југословенското кардиолошко друштво. Добитник е на голем број дипломи и благодарници од разни организации и асоцијации. Од 1966 г. како резултат на неговата стручност и хуманост, големиот број трудови е носител на звањето примариус. Во 1967 г. ја добил „4-то Ноемвриската награда" на градот Битола. Починал во 1989 г. во Битола, но останал вечно во сеќавањата на неговите колеги и многубројните благодарни пациенти.
ЗНАЧАЈНИ ЛИЧНОСТИ ЗА БИТОЛА |
| горе |
Не пропуштајте !