БОШЕВСКИ TOME
( академик )
Бошевски, Томе (1937), академик, доктор по технички науки, универзитетски професор. Роден 1937 г. во Битола, каде завршил основно образование и гимназија. Дипломирал 1961 г. на Електротехничкиот факултет во Белград на отсекот за техничка физика. Потоа се вработил во Институтот за нуклеарни науки „Борис Кидрич" во Винча. Постдипломски студии завршил во 1964 г. на Природно-математичкиот факултет во Белград. Во 1972 г. станал доктор по технички науки на Електротехничкиот факултет во Белград. Бил на специјализација во Западна Германија и во Шведска. Учествувал со трудови на повеќе меѓународни собири, и тоа во Амстердам, Виена, Женева, Чикаго, Предеал и Болоња. Во Институтот „Борис Кидрич" во Винча работел до 1974 г. од каде преминал на Електротехничкиот и машинскиот факултет во Скопје каде е избран за вондреден професор. Во 1979 г. се до неговото пензионирање работи како редовен професор на Електротехничкиот факултет во Скопје. Во 1994 г. е избран за редовен член на МАНУ.
Научно-стручната активност на д-р Томе Бошевски се одвива во повеќе области од електротехниката и тоа: експериментална и теоретска реакторска физика, пресметка на енергетски нуклеарни реактори, топлинско оптоварување на околината од електромагнетни извори, како и планирање на електромагнетски системи.
Основната преокупација на Т. Бошевски, во повеќегодишната експериментална работа во Институтот во Винча, е развојот и усовршувањето на методите за експериментално определување на нуклеарните перформанси на тешководните реакторски решетки. Разновидно е дејствувањето на Бошевски и во областа на пресметката на енергетски нуклеарни реактори. Предмет на негово истражување е и топлинското оптоварување на животната средина од електроенергетските извори, а значајни резултати има постигнато и во областа на планирањето на градбата и експлоатацијата на електричните централи.
Постигањата и резултатите од неговиот ангажман се презентирани во бројни научни трудови, студии и проекти.
Позначајни статии во списанија и зборници: „Значењето на РЕК Битопа за функционирањето и развојот на електроенергетскиот систем на Македонија", „Улогата на РЕК Битола во развојот на EEC на Македонија", „Ажурирана верзија на стратегијата за развој на електроенергетскиот систем", „Подобрување на техноекономските перфоманси на ХЕЦ „Бошков Мост".
ЗНАЧАЈНИ ЛИЧНОСТИ ЗА БИТОЛА |
| горе |
Не пропуштајте !