МАКЕДОНСКИ КИРИЛ
( композитор )
Македонски, Кирил (1925-1984), вистинското презиме Вангелов, македонски композитор, еден од поистакнатите претставници на втората генерација македонски композитори. По наговор на татко му, а заради својот музички талент, на 11 години почнал да учи да свири виолина. По завршувањето на основното и средно училиште, во 1947 г. се запишал на музичка академија во Загреб во класата на Крсто Одак, потоа во Сараево во класата на Иво Бркановиќ. Магистрирал од областа на композицијата во Љубљана кај композиторот Луцијан Шкерјани. Во 1970 г. шест месеци престојувал во Варшава како стипендист на полската влада, а во 1974 г. го завршил Меѓународниот курс за современа музика во Дармштат. Паралелно со компонирањето се занимавал со педагошка дејност, а особено акцент во последните години од животот им дава на истражувањата од областа на музичката психологија, поконкретно - музикотерапијата. Голем дел од неговите сознанија во вид на реферати се претставени, претежно пред странската јавност за што има добиено меѓународни признанија. Автор е на првата македонска опера „Гоце" (во четири дејствија, 1954) со големо историско значење за македонската музика и претставува крупен исчекор во освојувањето на најголемите музички форми од страна на нашите автори. Таа, и покрај се извира од нашиот бит, се потпира на народниот мелос и на сцената оживува дел од нашето историско минато. К. Македонски е автор уште на две други музички дела: „Цар Самуил" - опера (1968), во која ги достигнал своите творечки врвови, и со нејзината прва изведба предизвикал позитивни реакции и „Илинден" (1973), со што го заокружил својот оперски опус и својот перманентен интерес за теми од македонската национална историја. Тој е еден од првите македонски симфоничари-симфониската поема „Танчарка" (1951). Подоцна напишал уште пет симфонии (1956/78) и низа други композиции што припаѓаат на различни видови - камерни (повеќе од десет), хорски (дваесетина), детски песни, филмска музика (за десетина краткометражни и за три долгометражни филмови), музика за (десетина) драмски претстави. Преокупиран со идејата за создавање македонски национален стил, заснован врз карактеристиките на народниот мелос и врз неговата синтеза со музичко-техничките дострели на музиката во XX век. Добитник е на повеќе меѓународни награди и признанија.
ЗНАЧАЈНИ ЛИЧНОСТИ ЗА БИТОЛА |
| горе |
Не пропуштајте !